Мирослав Алексиќ, еден од лидерите на опозицискиот блок „Србија против насилството“, објави дека вечерва ќе протестираат во Белград поради, како што кажа, изборната кражба која се случи во главниот град.
„Не сум задоволен од резултатите во Србија и во Белград, но ни со излезноста на изборите. Тие беа на нивото на ланските избори“, изјави Алексиќ.
Тој тврди дека опозицијата освоила повеќе гласови од Српската напредна партија (СНС) во Белград.
„Ние вчера сведочевме на брутално насилство и кражба. Не е срамота да се изгуби, но срамота е да се краде. Овдека се случи брутално ограбување на изборната волја. Неправилности се регистрирани во текот на целиот ден“, кажа Алексиќ.
На вечерашниот протест, опозицијата ќе бара поништување на изборите во Белград и прочистување на избирачкиот список. Засега не е познато дали протестите ќе бидат секојдневни.
Врз основа на 81% пребројани гласови, СНС има 21.000 гласови повеќе од опозицијата, која вели дека 40.000 луѓе без постојано престојувалиште во Белград организирано биле носени да гласаат во полза на владејачката листа, со што драстично била променета изборната волја на белграѓани.
„Извесно е дека ‘Белград не смее да запре‘ победи во Белград и верувам дека Александар Шапиќ ќе биде старо-новиот градоначалник“, изјави претседателот на СНС, Милош Вучевиќ.
Според проекциите на Ипсос, листата на Вучиќ има освоено 38,7% гласови и 48 мандати во Белград, додека „Србија против насилството“ е на пет помалку.