Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги налути своите соседи Романија и Украина откако носеше навивачки шал на кој е прикажана некогашната голема Унгарија. Мапата ја претставува старата унгарска царска територија која постоела пред поразот на Австро-Унгарија во Првата светска војна.
Романија протестираше кај унгарскиот амбасадор во Букурешт, изразувајќи „цврсто неодобрување“ на гестот на Орбан, а Украина побара официјално извинување.
„Промоцијата на ревизионистички идеи на Унгарија не придонесува за развојот на унгарско-украинските односи и не е во согласност со европските принципи“, изјави портпаролот на украинското министерство за надворешни работи Олег Николенко.
Орбан го носеше шалот за време на пријателската средба Унгарија-Грција, одиграна во неделата. Тој кажа дека унгарската репрезентација е тим на сите Унгарци, без разлика каде живеат.
Околу 1,2 милиони Унгарци живеат во Романија, како и 150.000 во западна Украина и во минатото имаше тензии кога Орбан се обидуваше да го промовира унгарскиот идентитет во двете земји.