Унгарија ќе ги затвори средните училишта, универзитетите, рестораните и баровите и ќе го продолжи полицискиот час поради драматичното ширење на коронавирусот, објави премиерот Виктор Орбан. Тој досега избегнуваше да воведе строги рестрикции во земјата со цел да ја заштити економијата.
Орбан денеска соопшти дека од среда ќе бидат забранети сите поголеми собири, а општа забрана за движење ќе биде на сила од 20 до пет часот. Новите мерки ќе траат најмалку 30 дена, а опфаќаат и затворање на кината, театрите и фитнес центрите. Семејни собири ќе бидат ограничени на десет, а погреби на 50 луѓе.
„Ако ширењето на коронавирусот продолжи со ова темпо, унгарските болници нема да бидат способни да се носат со товарот“, кажа Орбан.
Унгарија денеска потврди 5.162 нови случаи на зараза и уште 55 починати од ковид-19.