Виктор Орбан нареди зајакнување на безбедноста на критичната енергетска инфраструктура во Унгарија, тврдејќи дека Украина се обидува да го наруши унгарскиот енергетски систем.
Унгарија неодамна ја обвини Украина за намерно ограничување на испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ украинската територија. Украинските власти ги негираа обвинувањата, велејќи дека нафтоводот, кој ги снабдува рафинериите во Унгарија и Словачка, бил погоден во руски напад со беспилотни летала.
Во видео објавено на социјалните мрежи, Орбан рече дека украинската влада користи нафтена блокада за да изврши притисок врз Унгарија и дека унгарските безбедносни служби утврдиле дека Украина подготвува понатамошни акции за нарушување на енергетскиот систем на Унгарија. Тој не даде детали или докази за своите тврдења.
„Ќе распоредиме војници и потребна опрема за да ги одбиеме нападите во близина на клучните енергетски објекти. Полицијата ќе патролира со зголемени сили околу назначените електрани, дистрибутивните станици и контролните центри“, кажа Орбан.
За разлика од остатокот на ЕУ, Унгарија и Словачка продолжија да увезуваат нафта и гас од Русија и дури ги зголемија количините.
Унгарија викендов се закани дека ќе блокира заем од 90 милијарди евра од ЕУ за Киев и потоа стави вето на новата рунда европски санкции за Русија. Орбан вети дека ќе блокира и други мерки за помош на Украина додека не продолжат испораките на нафта.
„Дружба“ е надвор од употреба од 27 јануари. Поправките се опасни и гасоводот може сигурно да работи само ако Русија престане да ја таргетира енергетската инфраструктура, рекоа украинските власти.



