ОСНОВАЧОТ НА ТЕЛЕГРАМ Е УАПСЕН ПОРАДИ КРИМИНАЛНИ АКТИВНОСТИ НА ПЛАТФОРМАТА, КАЖАА ФРАНЦУСКИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

    ОСНОВАЧОТ НА ТЕЛЕГРАМ Е УАПСЕН ПОРАДИ КРИМИНАЛНИ АКТИВНОСТИ НА ПЛАТФОРМАТА, КАЖАА ФРАНЦУСКИТЕ ОБВИНИТЕЛИВо неделата, притворот за Павел Дуров беше продолжен од 24 на 96 часа (Фото: Гети)

    Павел Дуров, рускиот милијардер кој ја коосновал апликацијата Телеграм, е уапсен во Франција во врска со истрага за криминални активности на платформата и поради недостиг на соработка со властите, објавија француските обвинители. Дуров, кој има и француско државјанство, беше приведен во саботата вечер на аеродром близу Париз откако допатувал од Азербејџан.

    Париската обвинителка Лора Бекуо изјави дека истрагата против Телеграм се однесува на незаконски трансакции, сексуално злоставување деца, измама и одбивање да се соопштат информации на властите. И францускиот претседател Макрон потврди дека апсењето на Дуров е во рамките на судска истрага поврзана со Телеграм.

    Висок претставник на агенцијата Офман, чија цел е спречување на насилството врз децата, кажа дека апсењето на Дуров е поврзано со неуспехот на Телеграм да се бори против криминалот на платформата, што вклучува и ширење педофилски содржини.

    Бекуо изјави дека истрагата во чии рамки беше уапсен Дуров била отворена на 8 јули. Детективи специјализирани за сајберкриминал и измама истражуваат 12 наводни прекршоци поврзани со организиран криминал и засега не е јасно за колку од нив се испрашува Дуров. Во неделата, притворот за Дуров беше продолжен од 24 на 96 часа, по што или ќе бидат покренати обвиненија против него или ќе биде ослободен.

    Дуров, кого често го нарекуваат руски Марк Закерберг, ја напуштил Русија во 2014 откако одбил да ги затвори опозициските групи на својата социјална мрежа ВК, што ја основал кога имал 22 години. Тој подоцна бил принуден да ја продаде ВК, по што се фокусираше на Телеграм, што ја покренал со својот брат Николај во 2013.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира