Техеран, Бејрут и Кувајт беа мета на жестоки напади ноќеска, додека Доналд Трамп ја отфрли можноста за преговори со Иран.
Израелската војска бомбардираше нафтени рафинерии во Техеран, што доведе до апокалиптични сцени во градот откако огнот се прошири низ булевар.
Огромен пожар избувна и во главниот град на Кувајт, каде што остатоци од соборен дрон запалија висококатница.
„Некои цивилни објекти претрпеа материјална штета како резултат на паднати остатоци и шрапнели од операциите за пресретнување“, кажа портпаролот на Министерството за одбрана на Кувајт.
Израелската војска соопшти дека извела напад во Бејрут, чија цел биле заповедниците на либанскиот огранок на Иранската револуционерна гарда. Таа не ги објави погодените локации, но во напад врз хотел во центарот на Бејрут загинале четири лица, објави либанското министерство за здравство, додавајќи дека таму биле сместени бегалци.
Откако Иран го одби неговиот повик за безусловно предавање, Трамп порача дека преговорите доаѓаат предвид само откако иранската војска ќе биде целосно уништена, а сите сегашни лидери убиени.
„Мислам дека во еден момент нема да остане никој кој ќе каже ‘се предаваме‘“, рече Трамп, отфрлајќи ги заканите од Иран дека САД ќе платат висока цена за нападите.
„На знам за што зборат, тие се веќе поразени. Секој елемент од нивната војска е уништен, целото раководство им е уништено, нема нешто што не е уништено. Победуваме на нивоа какви што не се видени досега“.
Сајтот „Аксиос“ објави дека САД и Израел разговарале за испраќање специјални сили во Иран во подоцнежната фаза од војната за да се осигураат неговите залихи на збогатен ураниум, изјави четири добро упатени извори.



