Русинот кој се качи на лет од Данска до Лос Анџелес минатиот ноември без билет, пасош или виза, беше прогласен за виновен во федерален суд во САД за неовластено патување со авион. Сергеј Очигава (46) беше осуден од порота во суд во Калифорнија.
Властите го уапсија Очигава на аеродром во Лос Анџелес откако не успеаја да најдат каков било податок за него на летот или дека некогаш поднел барање за американска виза. Тој е во притвор од ноември и се соочува со пет години затвор.
Обвинителите кажаа дека Очигава поминал без бординг карта на аеродромот во Копенхаген протнувајќи се зад друг патник на автоматска врата. Следниот ден, тој успеал незабележан да се качи во авион на „Скандинавијан Ерлајнс“ на лет за Лос Анџелес.
Во авионот, членовите на екипажот го забележале бидејќи се преместувал неколку пати на слободни седишта. Тој, исто така, двапати барал дополнителен оброк, а се обидел и да го изеде чоколадото наменето за екипажот.
Очигава беше пресретнат од американските граничари кога авионот слетал во Лос Анџелес на 4 ноември.
Тој бил без виза, пасош или каков било друг патен документ потребен да се влезе во САД. По претрес на неговата чанта, властите нашле руска и израелска лична карта кои што му припаѓале нему.
Тој е обвинет дека дал лажни информации околу неговото патување во САД, вклучувајќи го тврдењето дека го заборавил пасошот во авион.
Очигава кажал дека можеби имал авионски билет, но не бил сигурен. Тој, исто така, рекол дека не се сеќава како се качил во авионот, тврдејќи дека не спиел три дена.
Очигава ќе ја дознае казната на 5 февруари.