Еден од најславните и најмоќни мажи во оперскиот свет, со децении се обидувал да ги принудува жените на сексуален однос со нудење работа, а некогаш пак и ги казнувал професионално ако ги одбиеле неговите предлози, објави АП, повикувајќи се на бројни обвинувања кои стигнале до нив.
Познат како еден од најголемите оперски пејачи на сите времиња, Доминго е и истакнат диригент и директор на Операта во Лос Анџелес. Повеќекратниот добитник на Греми награди има голем углед во неговата околина, а колегите го опишуваат како човек со голем шарм и енергија кој неуморно работи на промоција на оперската уметност. На 78 години тој сѐ уште активен на светските сцени, а во кариерата му се забележани над 150 улоги во 4.000 изведби, што е повеќе од кој било оперски пејач во историјата.
Но, оние кои го обвинуваат како и некои други лица од фелата, велат дека Доминго има и мрачна страна, која со години се чува како тајна во оперскиот свет.
Осум пејачки и една балерина за АП изјавија дека повеќе од три децении, почнувајќи од доцните 1980-ти биле сексуално малтерирани од шпанскиот солист, кој е женет.
Една рече дека Доминго ѝ ја вовлекол раката под здолништето, додека три други кажаа дека насилно ги бакнувал на локации како гардероби, хотелски соби или за време на ручек.
„Деловен ручек не е ништо страшно. Но, некој да се обидува да ви ја држи раката или да ви стави дланка на колено за време на деловен ручек, е тоа е чудно. Тој секогаш наоѓаше начин да ме допре или бакне“, вели една соговорничка.
Покрај деветте обвиненија, уште шест други жени за АП рекоа дека некои гестови на Доминго правеле да се чувствуваат непријатно, а една оперска пејачка додаде дека тој постојано ја канел на состаноци, откако ја ангажирал да пее со него на концерти во 1990-те.
Новинарите на АП исто така разговарале повеќе од триесет други оперски пејачи, танчари, музичари, вработени во техника, професори по пеење, и сите потврдиле дека биле сведоци на несоодветно сексуално однесување од Доминго и дека ги прогонувал помладите жени.
Оперската ѕвезда не одговорил на повиците на АП, но во писмениот одговор стои: „Обвинувањата од овие неименувани лица кои потекнуваат од пред триесет години се длабоко вознемирувачки и неточни. Сепак, болно е да слушнам дека можеби сум вознемирил некого или сум направил некој да се чувствува непријатно – независно од тоа пред колку време се случило и покрај моите најдобри намери. Верував дека сите мои односи и интеракции секогаш биле добредојдени. Оние кои ме знаат и кои работеле со мене, знаат дека не сум некој кој намерно ќе повреди, навреди или засрами некого. Како и да е, сфаќам дека правилата и стандардите според кои денес нас нѐ оценуваат се различни од тоа како беа во минатото. Благословен сум и привилегиран дека имам кариера повеќе од 50 години и дека ќе продолжам да се држам до највискоките стандарди“.
Од деветте жени, само мецосопранот Патриција Вулф, која пеела со Доминго во Операта во Вашингтон дозволи да ѝ биде објавено името. Сите други побарале анонимност, бидејќи сѐ уште се активни пејачки и се плашат од јавно омаловажување. Нивните приказни се базираат на лични искази, а ниту една не можеше да ги поткрепи со каква било документација како на пример телефонски пораки.