Брендот за бебешка храна „Хип“ повлече некои свои теглички откако примероци во Австрија, Словачка и Чешка имале позитивен тест на отров за стаорци, објавија австриските власти. Тие веруваат дека имало манипулирање со 190-грамски теглички со кашички за петмесечни бебиња направени од моркови и компири, кои се продавале во супермаркетите „Шпар“ во Австрија. Првиот примерок имал позитивен тест во саботата.
„Ова повлекување не се должи на наш пробем во производството или квалитетот. Теглите ја напуштија нашата фабрика во совршена состојба. Повлекувањето е поврзано со кривично дело кое во моментов е под истрага на властите“, соопшти „Хип“.
Полицијата на австриската покраина Градиште соопшти дека сомнителните производи веројатно имаат бела налепница со црвен круг на дното од теглата. Други предупредувачки знаци вклучуваат оштетен или отворен капак и необичен или расипан мирис. Исто така, може да нема звук на пукање кога теглата ќе се отвори првпат.
„Хип“ соопшти дека од претпазливост ги повлекува теглите што се продаваат во супермаркетите „Шпар“ во Австрија, а продавниците во Словачка и Чешка ги повлекоа од продажба сите тегли со бебешка храна на брендот.
Тестирањата биле направени откако еден купувач пријавил дека имало манипулирање со теглата, соопшти полицијата, иако никој не ја јадел храната од неа.
Отровот за стаорци обично содржи бромадиолон, кој спречува згрутчување на крвта, според Австриската агенција за здравје и безбедност на храната. Голтањето отров за стаорци може да доведе до крвавење, модринки и крв во столицата. Симптомите можат да се појават два до пет дена по внесувањето, соопшти агенцијата.



