Командирот на украинските маринци во Мариупол кои се борат во челичарницата „Азовстал“ изјави дека се соочуваат со последните денови, можеби и часови, додека се целосно опколени од руските сили.
„Ова е нашето последно обраќање до светот. Непријателот нè надминува десет спрема еден. Веројатно ги броиме нашите последни денови, ако не и часови. Русија има предност во воздух, артилерија, тенкови и во опрема. Ние браниме само еден објект, каде што покрај воениот персонал, има и многу цивили, кои се невини жртви на оваа војна“, вели мајорот Серхиј Вољна од 36. поморска бригада.
Вољна во видеопораката вели дека неговите војници нема да се предадат, но побара помош од меѓународната заедница за извлекување на 500 ранети војници и стотици жени и деца кои се кријат во подземните тунели на челичарницата.
„Условите за ранетите се ужасни, Ги повикуваме и молиме сите светски лидери да помогнат. Бараме да бидеме извлечени и префрлени на територијата на трета земја“.
Русија денеска им упати уште еден ултиматум на украинските борци да се предадат. Вољна не откри колку војници се останати во фабриката, но додаде дека се расположени за борба.