Доналд Трамп ги предупреди Американците да бидат подготвени за најтешката недела во пандемијата на коронавирусот досега, предвидувајќи голем пораст на бројот на мртви.
„Ќе има доста умирања“, кажа Трамп на дневниот брифинг во Белата куќа, ветувајќи им на најпогодените сојузни држави дека и војската ќе им помогне.
Сепак, тој во исто време најави олеснување на препораките за социјално дистанцирање околу Велигден.
„Мора повторно да ја отвориме нашата земја. Не сакаме ова да го правиме со месеци и месеци“, изјави Трамп.
Оваа негова изјава дојде истиот ден кога САД ја надминаа бројката од 300.000 заразени, а речиси 8.500 луѓе починале. Само во Њујорк во последните 24 часа имало 630 смртни случаи, а вкупно 3.565 досега. Таму сега има повеќе од 113.000 заразени, што е блиску до бројките во Италија и Шпанија.
„Ова веројатно ќе биде најтешката недела и многу луѓе ќе умрат“, изјави Трамп.
Тој изрази голема разочараност од „3М“, американската компанија која произведува маски, бидејќи „поголема грижа треба да води за својата земја место да продава на други држави“.