Пандемијата на коронавирусот може да се смета за завршена, а ковид-19 сега е ендемска болест, заклучи водечкиот германски вирусолог Кристијан Дростен. Во исто време, министерот за правда Марко Бушман повика на укинување и на последните ковид мерки.
„Поминуваме низ првиот ендемски бран на коронавирусот оваа зима. Според моите проценки, пандемијата е завршена. По оваа зима, имунитетот на населението ќе биде толку широк и еластичен, што вирусот ќе има мали шанси во лето“, изјави Дростен, шефот на одделот за вирусологија на универзитетската болница Шарите во Берлин.
И д-р Кристијан Карајанидис, кој исто така е член на советот на експерти за ковид-19, смета дека пандемијата би требала да биде завршена по оваа зима.
„Иако еден-два помали брана на ковид-19 и натаму се можни, имунитетот на населението е солиден и има значително помалку ковид пациенти на интензивна нега“, вели Карајанидис.
Дростен смета дека успешната вакцинација во Германија и другите европски земји е причината за крај на пандемијата, што не е случај во Кина, каде што моментално има големо ширење на вирусот.
Германија веќе укина најголем дел од коронамерките, но останува обврската за носење маска во јавниот превоз и здравствените установи.