Папата Лав Четиринаесетти повика на праведен и траен мир во Украина и итен прекин на огнот во Газа со ослободување на заложниците и доставување хуманитарна помош, во неговиот прв благослов како понтиф денеска напладне.
„Никогаш повеќе војна!“ рече Лав од чардакот на базиликата „Свети Петар“.
Потсетувајќи на крајот на Втората светска војна пред 80 години, Лав го цитираше папата Фрањо во осудувањето на бројот конфликти што ја пустошат светот денес, велејќи дека тоа е „трета светска војна на парчиња“. Лав, првиот американски папа, исто така истакна дека денеска е Денот на мајката во многу земји и им посака на сите мајки, „меѓу кои ги и оние на небото“ среќен Ден на мајката.
Толпата верници, исполнета со музички групи кои маршираа во градот за специјалниот јубилеен викенд, избувна во овации и музика додека биеја камбаните на базиликата „Свети Петар“.
Ова беше првпат Лав да се врати на чардакот каде што му беше претставен на светот вечерта на 8 мај по откако беше избран за папа, првиот од САД. И тоагш тој прати порака за мир.
Денеска папата Лав отслужи приватна миса во близина на гробот на Свети Петар со поглаварот на неговиот Августински ред, свештеникот Алехандро Морал Антон. Мисата се одржа во пештерите под „Свети Петар“, традиционалното гробно место на Свети Петар, апостолот кој се смета за првиот папа. Областа, која вообичаено е отворена за јавноста, ги содржи и гробниците на минатите папи, меѓу кои и папата Бенедикт Шеснаесетти.
Кардиналот Роберт Превост, 69-годишен мисионер роден во Чикаго, беше избран за 267-ми папа на 8 мај, по смртта на Фрањо на 21 април.