Армин Лашет, премиерот на најмоќната германска покраина Северна Рајна-Вестфалија, го направи првиот чекор на патот да ја наследи Ангела Меркел како нов канцелар на најголемата европска економија. Централно-десната партија ЦДУ го избра 59-годишниот Лашет да ја предводи партијата во пресрет на изборите во септември. Традиционално, лидерот на ЦДУ е партиски кандидат за германски канцелар.
Лашет успеа да победи на внатрепартиските избори, кои се одржаа на далечина поради пандемјата на коронавирус, а најголем ривал му беше богатиот адвокат Фридрих Мерц.
Лашет, кој е син на рудар, се обврза да ги продолжи политиките на Меркел и освои 521 глас од 991 делегат. Лашет доаѓа на чело на ЦДУ на местото на министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбојер, која беше личен избор на Меркел за нејзин наследник.
ЦДУ ужива голема доверба во јавноста, благодарение на доброто справување со пандемијата на коронавирус, како и на добрата репутација на Меркел за справување со кризни ситуациии.