Армин Лашет ја доби поддршката на партијата на Ангела Меркел да биде заеднички кандидат на конзервативниот блок за канцелар на годинашните парламентарни избори во Германија. Лидерот на Демохристијанскиот сојуз (ЦДУ) доби 77,5% гласови од членовите на извршниот одбор, победувајќи го ривалот Маркус Зедер од сестринската партија Христијанско-социјален сојуз на Баварија. Зедер, кој ужива поголема популарност од Лашет во јавноста, претходно кажа дека му остава на ЦДУ да го избере заедничкиот претставник на изборите.
Меркел, која е канцеларка од 2005, ќе се повлече од функцијата по изборите на 26 септември.
Шеесетгодишниот Лашет се опиша себеси како наследник на политиките на Меркел кога во јануари беше избран за нов лидер на ЦДУ. Тој е премиер на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија.
И Партијата на зелените за првпат од основањето ќе има свој кандидат за канцелар. Охрабрена од најдобриот рејтинг досега, партијата ја именуваше копретседателката Аналена Бербок (40) за потенцијална наследничка на Меркел. Зелените во анкетите котираат веднаш зад алијансата ЦДУ-ЦСУ и се предвидува дека ќе освојат 21-23% гласови, со што имаат и реалистични шанси да формираат влада.