Патнички авион се запали пред полетувањето од аеродром во Јужна Кореја, но сите 176 луѓе во него беа безбедно евакуирани.
„Ербас А321“ на јужнокорејската авиокомпанија „Ер Бусан“ се подготвувал да полета за Хонгконг од меѓународниот аеродром „Гимхае“ во Бусан, кога избувнал пожар во предниот дел на авионот. Во него во тој момент имало 169 патници, шестмина членови на екипажот и еден инженер и сите безбедно излегле преку лизгалка за евакуација, соопшти министерството за транспорт.
Властите кажаа дека три лица биле полесно повредени при евакуацијата, а пожарот бил целосно изгаснат еден час откако пристигнале пожарникарите. Причината за пожарот засега не е позната.
Овој инцидент се случи еден месец откако авион на „Џеџу ер“ се судри и запали по слетувањето на меѓународниот аеродром „Муан“ во јужниот дел на земјата, при што загинаа 181 лице. Првиот извештај за несреќата објавен во понеделникот покажа дека во моторите на авионот биле пронајдени птичји пердуви.