Некогашната поп ѕвезда Гери Глитер излезе од затвор откако отслужи половина од 16-годишната казна за педофилија. Седумдесет и деветгодишниот пејач, кој го достигна врвот на популарноста во 1970-ите, беше осуден во 2015 за сексуално злоставување на три малолетнички.
Тој автоматски беше ослободен по половина отслужена казна според претходно утврдените услови.
Глитер, чие вистинско име е Пол Гад, бил на врвот на славата кога напаѓал ранливи жртви, сметајќи дека никој нема да им верува зашто тој е позната личност. Тој нападнал две девојчиња на возраст од 12 и 13 години откако ги поканил во гардеробата по концерт, а третата жртва имала помалку од десет години кога се обидел да ја силува во 1975.
За овие случаи се дозна дури по 40 години, кога Глитер стана првата личност уапсена во рамките на истрагата за сексуалните злосторства на славниот ТВ-водител Џими Савил.
Претходно, Глитер доби четири месеци затвор во 1999 за поседување 4.000 фотографии со детска порнографија, а одлежа и две и пол години затвор во Виетнам за сексуален напад врз две девојчиња од 10 и 11 години.