ПЕТЧАСОВНИТЕ РАЗГОВОРИ ПУТИН-ВИТКОФ НЕ ДОНЕСОА НАПРЕДОК И КОМПРОМИС ОКОЛУ УКРАИНА

    ПЕТЧАСОВНИТЕ РАЗГОВОРИ ПУТИН-ВИТКОФ НЕ ДОНЕСОА НАПРЕДОК И КОМПРОМИС ОКОЛУ УКРАИНАКремљ кажа дека некои делови од предложениот план се неприфатливи за Русија (Фото: АП)

    Петчасовните разговори помеѓу Владимир Путин и американските преговарачи во Москва не донесоа напредок во склучувањето на мировен договор за Украина.

    Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, кажа дека разговорите биле конструктивни, но некои делови од предложениот план се неприфатливи за Русија. Американската страна ја претставуваа специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер, кои досега не се огласија за разговорите.

    Путин претходно порача дека измените предложени од Украина и нејзините европски сојузници се неприфатливи, велејќи дека ако Европа сака војна, Русија е спремна уште сега.

    Планот првично се состоеше од 28 точки, но по критиките од Киев и европските земји дека ја фаворизира Русија и ѝ дава премногу отстапки, беше ревидиран и намален на американско-украинските разговори во Женева.

    Со некои точки се согласивме, но некои работи ги критикувавме. Некои американски предлози изгледаат повеќе или помалку прифатливи, но за нив треба да се дискутира. Некои од формулациите што ни беа предложени не ни одговараат. Сè уште не сме смислиле компромисна верзија. Претстои многу работа“, изјави советникот за надворешна политика на Кремљ, Јури Ушаков.

    Клучните несогласувања помеѓу Москва и Киев остануваат, како отстапување територија и безбедносни гаранции за Украина.

    Ушаков кажа дека нова средба Путин-Трамп во моментов не се планира, но постојат огромни можности за економска соработка помеѓу САД и Русија. Тој додаде дека Путин му испратил поздрави и серија сигнали на Трамп, но се договориле да не објавуваат детали во јавност.

    Зборувајќи пред разговорите во Кремљ, Володимир Зеленски рече дека сега постои можност да се стави крај на војната повеќе од кога било, но дека елементите од предлозите сè уште треба да се разработат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира