Петмина загинаа, а десетици се повредени по излетување на товарен воз и последователната експлозија на цистерни со течен гас пропан бутан во бугарското село Хитрино, близу Шумен утринава околу 5.30 часот по локално време. Во селото има срушени објекти и пожари и според оценката на министерството за внатрешни работи, штетите се катастрофални.
Поради опасност од дополнителни експлозии, бугарското МВР спроведува целосна евакуација на локалните жители. Со операциите за спасување и расчистување лично раководи премиерот во оставка Бојко Борисов. Во штабот се уште вицепремиерите Румена Бачварова и Томислав Дончев.
Две цистерни со течен гас удриле во електричен столб и експлодирале откако возот излетал од шините близу железничката станица во Хитрино, а засега не се знаат причините за излетувањето.
Борисов, кој пристигна во селото неколку часа по експлозијата, кажа дека се очекуваат уште жртви. Неколку луѓе претрпеле изгореници на повеќе од 90 отсто од телата, додаде тој, и апелираше до граѓаните од регионот да донираат крв за локалната болница.
Градоначачникот на Хитрино Нуредин Басри ја нарече експлозијата апокалиптична.
„Не можам да си објаснам колку беше силна експлозијата. Апсолутна апокалипса. Има изгорени цели згради“, изјави Басри за локалните медиуми.