Руски проектил кој денеска уби пет луѓе во Одеса паднал само 500 метри од конвојот возила во кои биле украинскиот претседател Володимир Зеленски и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, изјави еден извор. Според него, двајцата лидери го почувствувале ударот од нападот и виделе облак од чад во облик на печурка.
Портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук изјави дека во нападот загинале петмина луѓе, а повеќемина се повредени.
„Го видовме тој напад денеска. Можете да видите со што си имаме работа, не им е грижа каде гаѓаат“, изјави Зеленски во Одеса.
Мицотакис кажа дека Зеленски го прошетал низ градот, пред да слушнат сирени за воздушна тревога.
„Набргу потоа, додека влегувавме во автомобилите, слушнавме силна експлозија. Тоа ни беше вистински потсетник дека тука се води војна, која ги погодува не само војниците на фронтот, туку и недолжните цивили“, рече грчкиот премиер.
Русија ги засили нападите на овој регион во изминатите денови. Во нападот со дронови во саботата загинаа 12 луѓе.