ПО 48-ЧАСОВНА ПОТРАГА ПРОНАЈДЕН МРТОВ МАСОВНИОТ УБИЕЦ KOЈ УБИ 18 ЛУЃЕ ВО МЕЈН

    ПО 48-ЧАСОВНА ПОТРАГА ПРОНАЈДЕН МРТОВ МАСОВНИОТ УБИЕЦ KOЈ УБИ 18 ЛУЃЕ ВО МЕЈНАрмискиот резервист Роберт Кард е пронајден мртов со прострелна рана што укажува на самоубиство. (Фото: Полиција на Мејн)

    Армискиот резервист кој уби 18 луѓе и рани 13 пукајќи во куглана и во бар во Левистон, Мејн, е пронајден мртов со прострелна рана која укажува на самоубиство, со што заврши 48-часовната потрага. Роберт Кард, инструктор за огнено оружје кој пораснал во областа, бил пронајден мртов во гратчето во близина на Левистон, изјави синоќа гувернерката Џенет Милс. Таа рече дека го известила претседателот Џо Бајден дека Кард е мртов.

    „Вечерва сме благодарни што Левистон и околните заедници се безбедни откако поминаа мачни денови криејќи се во своите домови“, рече Бајден во изјавата. Тој додаде дека „Американците не треба да живеат вака“ и го повика Конгресот да преземе акција за насилството со оружје.

    Властите не го открија мотивот за масакрот, а претходно кажаа дека Кард имал историја на ментална болест и бил хоспитализиран во психијатриска установа две недели во текот на летото годинава, по што бил пуштен.

    Престрелките и долготрајната потрага ја потресоа вообичаено раздвижената, но спокојна заедница на Левистон, поранешен текстилен центар и втор најнаселен град во Мејн. Најсмртоносните престрелки во историјата на Мејн се шок за државата со 1,3 милиони жители, која има релативно мал насилен криминал и имаше само 29 убиства во цела 2022 година. Во Левистон, на 37.000 жители и на оние во околните заедници им беше кажано да останат во своите домови додека стотици полицајци, агенти на ФБИ и други безбедносни сили ја пребаруваа областа.

    Масакрот во Левистон е 36-то масовно убиство во САД оваа година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира