Украинските власти кажаа дека досега се пронајдени 1.222 тела на цивили во киевскиот регион, од кој неодамна се повлекоа руските трупи. Главната јавна обвинителка Ирина Венедиткова кажа дека се истражуваат 5.600 случаи на можни руски воени злосторства, извршени од почетокот на инвазијата на 24 февруари, при што досега биле идентификувани над 500 осомничени воени злосторници, вклучувајќи воени лидери и владини функционери.
„Она што го гледаме во сите региони на Украина се воени злосторства и злосторства против човештвото и се обидуваме да ги решиме“, изјави Венедиткова.
Таа додаде дека Украина има докази дека Русија го извршила ракетниот напад на железничката станица во источниот град Краматорск во петокот, кога загинаа најмалку 57 цивили кои чекале да бидат евакуирани. Русија негира дека е одговорна за овој напад и тврди дека не напаѓа цивилни цели во Украина.