По цели шест недели седење во карантин, на децата во Шпанија од денеска конечно им е дозволено да излезат надвор, но не на сите. Ограничувањата се укинати само делумно и важат само за децата до 14 години.
„Тоа му пречи на мојот постар син, па ме прашува зошто брат му смее да излезе надвор, а тој не може. Двајцата се тинејџери и сакаат да се дружат со свои другари“, вели Кристина Караско, чии синови имаат 14 и 15 години.
Според новите правила, 6,3 милиони шпански деца до 14 години ќе смеат да излезат надвор секој ден по еден час, во периодот од девет до 21 часот. Притоа нема да смеат да се оддалечуваат повеќе од еден километар од дома. Возење велосипед, ролерки и скејтборд е дозволено, но јавните паркови остануваат затворени. И сите други ограничувања предвидени со карантинот остануваат на сила, откако тој беше продолжен до средина на мај.
Психолозите ја поздравија одлуката, сметајќи дека дури и еден час надвор е корисен за менталната состојба на децата.
„Децата се прилагодуваат на нови околности подобро од возрасните. Мислам дека ова не беше некое трауматично искуство за нив. Тие знаат дека се во сигурно окружување со родителите“, вели Сузана Фуентес, мајка на две деца од 16 и 12 години.
Шпанија е меѓу најтешко погодените европски земји од коронавирусот, со 224.000 заразени и 22.902 починати.