Џон Мекејн, ветеран на Виетнамската војна кој стана угледен сенатор и претседателски кандидат, почина утрово на 81-годишна возраст, само два дена откако неговото семејство објави дека тој го прекинува лекувањето на туморот на мозокот.
Тој во јули минатата година објави дека има агресивна форма на рак и потоа го напушти Вашингтон во декември заради лекувањето.
Мекејн повеќе од три децении беше републикански сенатор од Аризона и му беше противкандидат на Барак Обама на претседателските избори во 2008 година. Се очекува на неговиот погреб да зборуваат токму Обама и Џорџ Буш.
Роден во 1936 година, Мекејн учествувал во Виетнамската војна како воен пилот, а откако неговиот авион бил урнат во 1967 година, пет и пол години поминал во заробеништво. Подоцна напиша дека Виетнамците го поштеделе од најстрашните форми на мачење бидејќи бил син на угледен адмирал.
„Тие го знаеја идентитетот на татко ми и тоа придонесе директно за моето преживување“, напиша Мекејн во една од своите книги.
Мекејн се повлече од војската во 1981 година и наредната година ја почна политичката кариера, кога беше избран во Конгресот. Четири години подоцна, влезе во Сенатот, уживајќи почит во редовите на двете партии.