ПОЧИНА МИХАИЛ ГОРБАЧОВ, ПОСЛЕДНИОТ СОВЕТСКИ ЛИДЕР, КОЈ ЈА ЗАВРШИ СТУДЕНАТА ВОЈНА

    ПОЧИНА МИХАИЛ ГОРБАЧОВ, ПОСЛЕДНИОТ СОВЕТСКИ ЛИДЕР,  КОЈ ЈА ЗАВРШИ СТУДЕНАТА ВОЈНАГорбачов ја доби Нобеловата награда за мир во 1990, „за водечката улога што ја имаше во радикалните промени во односите Исток-Запад“. (Фото: АП)

    Последниот лидер на Советска Русија Михаил Горбачов почина на 91 година. Горбачов, кој ја презеде власта во 1985, е најпознат по отворањето на СССР и по зближувањето со Западот, но тој не можеше да го спречи колапсот на неговата земја во 1991. Многу Руси го обвинуваат него и неговата реформска политика на „перестројка“ за пропаста на земјата. Болницата каде што почина соопшти дека боледувал од долга и тешка болест.

    Рускиот претседател Владимир Путин изрази длабоко сочувство за смртта на Горбачов, изјави неговиот портпарол Дмитриј Песков за руската новинска агенција Интерфакс.

    Горбачов стана генерален секретар на Советската комунистичка партија и де факто лидер на земјата на 54-годишна возраст. Тој во тоа време беше најмладиот член на владејачкиот совет познат како Политбирото и се сметаше за здив на свеж воздух по неколку остарени лидери. Неговата политика на гласност, или отвореност, им овозможи на луѓето да ја критикуваат владата на начин кој претходно беше незамислив. Но, тоа, исто така, ослободи националистички чувства во многу региони на земјата што на крајот доведе до нејзин колапс. На меѓународно ниво, тој постигна договори за контрола на оружјето со САД и одби да интервенира кога источноевропските нации се кренаа против нивните комунистички владетели. Западот го смета за архитект на реформите кој создаде услови за крај на Студената војна.

    Тој беше награден со Нобеловата награда за мир во 1990, „за водечката улога што ја имаше во радикалните промени во односите Исток-Запад“.

    Но, во новата Русија, која се појави по 1991, тој беше на работ на политиката, фокусирајќи се на образовни и хуманитарни проекти. Имаше еден несреќен обид да се врати во политичкиот живот во 1996, добивајќи само 0,5% од гласовите на претседателските избори. Во последните години неговото здравје беше влошено и тој често беше в болница.

    Горбачов ќе биде погребан на московските гробишта Новодевичи, почивалиштето на многу истакнати Руси, покрај неговата сопруга Раиса, која почина во 1999, објави новинската агенција ТАСС.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира