Ели Визел, преживеан од холокаустот, нобеловец и автор, почина на 87 години. Визел ги преживеа нацистичките концентрациони логори Аушвиц и Бухенвалд. По ослободувањето замина во Франција, па во Израел и во САД, каде беше активист во името на жртвите на омразата и прогонот низ целиот свет.
Визел го сметале за многу нешта во животот: гласник на мирот, хуманитарец, преживеан. Но тој сакал себеси да се смета едноставно за сведок. Како сведок, велеше тој, негова должност беше да не дозволи да бидат заборавени тие што страдале.
„Да се заборават жртвите значи да се убијат по вторпат. Не можев да ја спречам нивната прва смрт. Ама сигурно мора да сум способен да ја спречам нивната втора смрт“, рече Визел.
Тој зборуваше за поддршка на жртвите на војна и политичка тиранија низ целиот свет. Но негово животно дело беше активизмот во име на преживеаните од холокаустот.
Кога имал само 15 години, неговото семејство од мало гратче во Романија е однесено во Аушвиц, а подоцна и во Бухенвалд. Неговата помала сестра и мајка му веднаш биле испратени во гасна комора. Татко му починал кусо пред американските војници да го ослободат логорот во 1945.
На Визел му требале 10 години за да може да пишува за своето искуство, во неговата најпозната книга, „Ноќ“.
„Никогаш нема да ја заборавам таа ноќ таа прва ноќ во логорот што ми го претвори животот во една долга ноќ. Никогаш нема да ги заборавам малите лица на децата чии што тела ги видов претворени во чад под тивкото небо. Никогаш нема да ги заборавам тие пламени што ми ја изедоа верата засекогаш“, читаше тој од својата книга за време на посетата на Аушвиц со Опра Винфри во 2006. „Тие моменти го убија мојот господ и мојата душа и моите соништа ги сторија пепел. Никогаш“.
Во 1986 Визел доби Нобелова награда за мир. Норвешкиот Нобелов комитет го нарече гласник на човештвото. Човек, кој се издигнал од крајно понижување и станал еден од најважните духовни водачи и водичи. Во говорот, примајќи ја наградата, Визел рече дека светот никогаш не смее да молчи кога страдаат луѓе, оти неутралноста само му помага на опресорот, никогаш на жртвата.
„Молкот го охрабрува измачителот, никогаш измачениот. Некогаш мора да се вмешаме. Кога човечки животи се загрозени, кога е во опасност човечкото достоинство, националните граници и осетливи теми стануваат ирелевантни“, рече Визел.
Тој рече дека неговата најголема улога во животот била како сведок, и голема утеха наоѓал меѓу оние кои како него биле сведоци на холокаустот. Рече дека се плаши кој ќе биде последниот сведок, кој ќе го носи тој товар.
„Но, да слушаш сведок е да станеш сведок, и тоа нѐ теши“, рече тој, и додаде дека се теши со фактот дека многумина слушале и има многу генерации сведоци, спремни да застанат против тиранијата и омразата – долго откако него веќе ќе го нема.