Речиси три недели откако ја напушти Белата куќа и го снема од јавноста, денеска во Сенатот почнува ново судење за отповикување на Доналд Трамп. Сега веќе бившиот претседател е обвинет за поттикнување побуна, поврзано со неговиот говор кој претходеше на упадот на неговите приврзаници во Конгресот на 6 јануари, кога починаа пет лица.
И додека Демократите велат дека се преполни со докази за вината на Трамп, неговите адвокати тврдат дека толпата дејствувала независно. Тие исто така сметаат дека судењето е неуставно, зашто Трамп веќе ја напуштил функцијата и сега е обичен граѓанин.
Трамп е првиот претседател во историјата на САД кој двапати бил отповикан во Претставничкиот дом и ако Сенатот го прогласи за виновен, што досега никогаш не се случило, ќе му биде забрането повторно да се кандидира. За тоа се потребни две третини од сенаторите и нема назнаки дека доволен број републиканци ќе им се придружат на 50-те демократи во отповикувањето на Трамп. Гласањето по обвинението се очекува најрано в понеделник.
Адвокатите на Трамп го опишаа судењето како политички театар и кажаа дека тој само го користел своето право на слобода на говорот загарантирано со Првиот амандман.