ПОДОБРО ДОГОВОР ОТКОЛКУ ДА ИМ ПРАТИМЕ АВИОНИ „Б-2“, ВЕЛИ ТРАМП, КОЈ ИНДИРЕКТНО ЌЕ БИДЕ ВКЛУЧЕН ВО РАЗГОВОРИТЕ САД-ИРАН ВО ЖЕНЕВА

    ПОДОБРО ДОГОВОР ОТКОЛКУ ДА ИМ ПРАТИМЕ АВИОНИ „Б-2“, ВЕЛИ ТРАМП, КОЈ ИНДИРЕКТНО ЌЕ БИДЕ ВКЛУЧЕН ВО РАЗГОВОРИТЕ САД-ИРАН ВО ЖЕНЕВАПред разговорите со САД, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи се сретна со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси (Фото: АП)

    Доналд Трамп изјави дека индиректно ќе биде вклучен во втората рунда разговори помеѓу САД и Иран, што ќе почнат денеска во Женева, додавајќи оти верува дека Техеран сака да склучи договор за својата нуклеарна програма.

    Овие разговори следуваат по постојаните воени закани кон Иран, не само поради неговата нуклеарна програма, туку и поради бруталното задушување на антивладините протести на почетокот на годината. САД веќе го испратија носачот на авиони „Абрахам Линколн“ на Блиски Исток, а на пат е и другиот носач „Џералд Форд“, кој се очекува да пристигне во рок од три недели. Огромната американска поморска армада вклучува и разурнувачи, борбени бродови и борбени авиони.

    Ова се многу важни разговори и мислам дека Иран овојпат е мотивиран да преговара. Мислам дека не ги сака последиците што би следеле ако не склучи договор. Подобро да склучиме договор отколку да им пратиме авиони ‘Б-2‘ да го уништат нивниот нуклеарен потенцијал, а можеме да го направиме тоа. Се надевам дека ќе бидат поразумни“, кажа Трамп.

    Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи вчера се сретна со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси и кажа дека верува дека американската позиција за нуклеарното прашање сега е пореалистична.

    Дојдов во Женева за да постигнеме фер и правичен договор. Она што не е на маса е покорност пред заканите“, рече Аракчи.

    Иран вели дека разговорите ќе се фокусираат на неговата нуклеарна програма и можното укинување на американските економски санкции, иако САД сакаат да бидат вклучени и други прашања, како иранската ракетна програма.

    И додека САД се подготвуваат за продолжена воена операција, и Иран започна со воени вежби во Ормускиот Проток, витален меѓународен воден пат и рута за извоз на нафта од земјите од Арапскиот Залив.

    Ќе биде тешко да се постигне договор со Иран, но САД се спремни да се обидат“, изјави државниот секретар Марко Рубио.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира