Подваријантата на омикрон, БА.2, која брзо стана доминантна во Данска, е попренослива од повообичаената варијанта БА.1 и полесно ги заразува вакцинираните луѓе, откри данско истражување. Анализата на случаите на коронавирус од над 8.500 дански домаќинства од декември и јануари покажа дека лицата заразени со БА.2 имаат 33% поголеми шанси да заразат други во споредба со БА.1.
На светско ниво, на БА.1 отпаѓаат 98% случаи на омикрон, но неговата роднинска верзија БА.2 од втората половина на јануари е доминантна во Данска со 82% нови случаи.
„Заклучивме дека омикрон БА.2 е значително попренослив од БА.1 и дека поседува имуноевазивни својства кои дополнително го намалуваат заштитниот ефект на вакцините“, се вели во студијата во чија изработка учествувале неколку дански институции, меѓу кои Државниот институт за серуми и Универзитетот во Копенхаген.
Случаи на БА.2 веќе се регистрирани и во САД, Велика Британија, Австралија, Шведска и Норвешка, но во далеку помал обем од Данска. Истражувањето покажало и дека БА.2 полесно ги заразува лицата вакцинирани со три дози од БА.1, додека ризикот од хоспитализација е еднаков кај двата соја.