Бившата германска канцеларка Ангела Меркел го брани своето противење на членството на Украина во НАТО во 2008, во новите мемоари, што официјално ќе се најдат во продажба од 26 ноември. Во книгата која има повеќе од 700 страници, Меркел опишува како се носела со светски лидери како Доналд Трамп и Владимир Путин за време на своето 16-годишно владеење.
Книгата излегува додека нејзиното наследство се наоѓа на удар во екот на денешната криза. Критичарите веруваат дека руската инвазија ќе можеше да се спречи доколку Украина добиеше покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008, на што Меркел се противеше.
„Самата изјава дека Украина и Грузија некогаш ќе се приклучат на НАТО беше повик за војна за Путин. Тој подоцна ми кажа: ‘Нема вечно да бидеш канцеларка. Потоа тие ќе станат членки на НАТО и јас сакам да го спречам тоа‘“, напиша Меркел во мемоарите, чии делови беа објавени од списанието „Ди Цајт“.
Книгата насловена „Слобода: Сеќавања 1954-2021“ ќе биде објавена во повеќе од 30 држави. Таа пишува и за својот однос со Трамп, за кого кажа дека во прв момент погрешно го проценила.
„Мојата прва грешка со него беше што го сметав за целосно нормален, но набргу увидов дека е склон кон авторитарни лидери и тирани. Тој гледаше на сѐ од перспективата на бизнисмен со недвижности. Секоја парцела може да се продаде само еднаш и ако тој не ја добие, ќе ја има некој друг. Така го гледаше светот“, вели Меркел.
Таа откри дека побарала совет од папата како да се носи со Трамп откако тој првпат беше избран за претседател на САД. Тие првпат се сретнаа во 2017 во Белата куќа, кога Трамп се обиде да ја понижи така што одби да се ракува со неа пред камери.
„Тој точно знаеше што прави, а јас се преправав дека разговарам со некој кој е целосно нормален“, напиша Меркел.
Меркел ретко се појавуваше во јавност откако ѝ заврши четвртиот мандат во 2021, но во наредниот период ќе одржи неколку јавни промоции на книгата.