ПОЛИЦИЈАТА ГО РЕКОНСТРУИРА КОБНОТО ПАТУВАЊЕ НА 39 ЛУЃЕ КОИ БЕА ПРОНАЈДЕНИ МРТВИ ВО КАМИОН ВО АНГЛИЈА

    ПОЛИЦИЈАТА ГО РЕКОНСТРУИРА КОБНОТО ПАТУВАЊЕ НА 39 ЛУЃЕ КОИ БЕА ПРОНАЈДЕНИ МРТВИ ВО КАМИОН ВО АНГЛИЈАКамионот „сканија“ бил регистриран во Варна на име на компанија во сопственост на ирски државјанин (Фото: АП)

    Полицијата го реконструира последното патување на 39 луѓе кои утрово беа пронајдени мртви во камион во индустриска зона во Есекс, обидувајќи се да го состави мозаикот на една од најголемите трагедии поврзани со трговијата со луѓе во Британија.

    Уапсен е возачот на камионот, идентификуван како 25-годишниот Мо Робинсон од Портадаун, Северна Ирска, кој е обвинет за убиство. Полицијата на Есекс соопшти дека камионот регистриран во Бугарија пристигнал во Англија со траект од белгискиот град Цебруге. Бродот влегол во пристаништето во Парфлит половина час по полноќ и се верува дека камионот излегол оттаму 35 минути подоцна.

    „Идентификацијата на жртвите е нашиот прв приоритет, но тоа ќе биде долготраен процес“, изјави заменичката на шефот на полицијата Констејбл Пипа Милс.

    Жртвите се пронајдени во контејнерот на камионот налик на ладилник, во кој температурата треба да биде -25 Целзиусови степени.

    „Камионот ‘сканија‘ бил регистриран во Варна на име на компанија во сопственост на ирски државјанин. Малку е веројатно дека жртвите се Бугари“, изјави портпаролот на бугарското Министерство за надворешни работи.

    Истрага отвори и Белгија.

    „Во овој момент немаме претстава колку долго камионот бил во Белгија“, изјавија од канцеларијата на тамошниот јавен обвинител.

    Засега не е објавена причината за смртта на 39-те луѓе, меѓу кои и еден тинејџер.

    Ова не е прв ваков случај во Европа. Во 2000 година, 58 мигранти починале во камион во Довер, а во 2015, 71 мигрант од Сирија, Авганистан и Ирак биле пронајдени задушени во камион-ладилник, кој бил оставен на австриски автопат во близина на границата со Унгарија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира