Австралија денеска стана првата земја во светот која ги забранила социјалните мрежи за помладите од 16 години, блокирајќи го пристапот до платформи како ТикТок, Јутјуб, Фејсбук и Инстаграм. На десет од најголемите платформи им беше наредено да ги блокираат децата од полноќ по локално време или ќе се соочат со казни до 33 милиони долари, според новиот закон кој предизвика критики од големите технолошки компании и застапниците на слободата на говорот, но беше поздравен од родителите и застапниците на децата.
Забраната внимателно ја следат и други земји, кои разгледуваат слични мерки засновани на возраст поради растечката загриженост за влијанието на социјалните медиуми врз здравјето и безбедноста на децата.
Во видеопорака за која „Скај њуз Австралија“ соопшти дека ќе се емитува во училиштата оваа недела, премиерот Ентони Албаниз рече дека забраната има за цел да ги поддржи младите Австралијци и да го намали притисокот што може да дојде од секојдневните објави и алгоритмите.
„Искористете ги максимално претстојните училишни распусти. Наместо да ги поминувате на телефон, започнете со нов спорт, научете нов инструмент или прочитајте ја книгата што веќе некое време стои на вашата полица. И уште поважно, поминете го времето со вашите пријатели и семејство лице в лице“, вели тој.
„Мета“, која е сопственик на Фејсбук и Инстаграм, уште минатата недела почна да ги исклучува профилите на децата за кои било утврдено дека немаат најмалку 16 години.
Владите од Данска до Малезија, па дури и некои сојузни држави во САД велат дека планираат слични чекори, четири години откако протечени интерни документи на „Мета“ покажаа дека компанијата знаела дека нејзините производи придонесуваат за проблеми кај тинејџерите. „Мета“ тврди дека има алатки за заштита на децата.
Забраната засега опфаќа 10 платформи, но владата соопшти дека листата ќе се менува како што ќе се појавуваат нови производи и младите корисници ќе се префрлаат на алтернативи. Од нив, сите освен Икс на Илон Маск соопштија дека ќе се усогласат со новиот австралиски закон, претпоставувајќи или проценувајќи ја возраста на корисниците од нивната онлајн активност.



