ПОРАДИ ДРОНОВИ ЗАТВОРЕН АЕРОДРОМОТ ВО БЕРЛИН, ДЕСЕТИЦИ ЛЕТОВИ БЕА ОДЛОЖЕНИ И ПРЕНАСОЧЕНИ

    ПОРАДИ ДРОНОВИ ЗАТВОРЕН АЕРОДРОМОТ ВО БЕРЛИН, ДЕСЕТИЦИ ЛЕТОВИ БЕА ОДЛОЖЕНИ И ПРЕНАСОЧЕНИВо Германија, употребата на дронови е забранета во радиус од 1,5 километри од аеродромите за да се спречи попречување на полетувањата и слетувањата. (архивска фотографија)

    Воздушниот сообраќај на аеродромот Бранденбург во Берлин беше привремено запрен во петокот вечерта поради присуство на дронови во близина на пистата, што предизвика одложувања и пренасочувања на повеќе летови.

    Портпаролот на аеродромот соопшти дека полетувањата и слетувањата биле суспендирани во периодот од 20:08 до 21:58 часот по локално време. Поради тоа, „цела серија летови“ биле пренасочени кон други германски градови.

    Тој додаде дека привремено била укината и забраната за ноќни летови во Берлин, со цел да се ублажат последиците врз авиосообраќајот.

    „Претпоставуваме дека опасноста засега е отстранета“, изјави портпаролот.

    Инцидентот започнал околу 20 часот, кога сведок пријавил дека видел дрон, што довело до затворање на северната писта на аеродромот, информираше портпарол на полицијата. Набрзо потоа, и полициска патрола забележала беспилотно летало, но не успеала да го лоцира. Во потрагата бил вклучен и полициски хеликоптер, а во операцијата се приклучила и германската Федерална канцеларија за воздухопловство.

    Во Германија, употребата на дронови е забранета во радиус од 1,5 километри од аеродромите за да се спречи попречување на полетувањата и слетувањата. Нелегалното управување со дрон во близина на аеродроми се смета за опасно мешање во цивилното воздухопловство и може да резултира со сериозни казни.

    Во последно време, аеродроми во Данска, Норвешка и Полска, исто така, го прекинаа сообраќајот поради неидентификувани дронови. На почетокот на октомври, аеродромот во Минхен беше затворен двапати поради слични инциденти, што доведе до откажување и пренасочување на летовите на илјадници патници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира