ПОРАДИ НАЦИСТИЧКИ ПОЗДРАВ НА БАНОН, ФРАНЦУСКИОТ ЛИДЕР НА ЕКСТРЕМНАТА ДЕСНИЦА БАРДЕЛА ГО ОТКАЖА ГОВОРОТ НА КОНЗЕРВАТИВНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВАШИНГТОН, КАДЕ УЧЕСТВУВА И МИЦКОСКИ

    ПОРАДИ НАЦИСТИЧКИ ПОЗДРАВ НА БАНОН, ФРАНЦУСКИОТ ЛИДЕР НА ЕКСТРЕМНАТА ДЕСНИЦА БАРДЕЛА ГО ОТКАЖА ГОВОРОТ НА КОНЗЕРВАТИВНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВАШИНГТОН, КАДЕ УЧЕСТВУВА И МИЦКОСКИДодека го завршуваше говорот на конференцијата Стив Банон ја испружи раката и ја подигна па кажа „амин“. (Фото: Принтскрин од видео)

    Францускиот екстремно десничарски лидер Жордан Бардела денеска го откажа говорот на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (ЦПАЦ) во Вашингтон по, како што рече, нацистички поздрав од говорник, очигледно реферирајќи на Стив Банон, соопшти неговата партија Национален собир (РН), објави агенцијата Ројтерс. Бардела (29), претседател на РН, е десна рака на лидерката на партијата, Марин Ле Пен, и се смета за идна претседателска надеж.

    На оваа конференција учестува и македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

    Патувањето на Бардела во САД го нагласи обидот на РН да изгради поблиски врски со американскиот претседател Доналд Трамп, со кого Ле Пен имаше сложени односи.

    „На оваа говорница вчера, додека не бев присутен во просторијата, еден од говорниците си дозволи, како провокација, гест што се однесува на нацистичката идеологија“, рече Бардела, без да го спомне Банон, поранешен советник на Трамп кој го води популарниот подкаст „Воена соба“. „Следствено, веднаш донесов одлука да го откажам мојот говор закажан за попладнево на настанот“.

    Додека го завршуваше говорот на конференцијата во четвртокот, Банон ја испружи раката и ја подигна, пред да каже „Амин“, според видеото од настанот. Банон негираше дека упатил нацистички поздрав, велејќи му на француски новинар дека тоа беше „мавтање“. Тој рече дека ако Бардела го откажал својот настап поради гестот, „не е достоен да ја води Франција“.

    „Ако е толку загрижен поради тоа и се мокри како мало дете, тогаш е недостоен и никогаш нема да ја води Франција“, рече Банон.

    Милијардерот Илон Маск, близок соработник на Трамп, минатиот месец направи гест кој на Интренет беше спореден со нацистички поздрав, но водечкиот трагач на антисемитизмот рече дека се чини оти наместо тоа, поздравот претставува момент на ентузијазам.

    РН, претходно познат како Национален фронт, порано беше познат по антисемитизмот и расизмот за време на таткото на Марин Ле Пен, Жан-Мари Ле Пен, но оттогаш стана попроизраелски во услови на поширок притисок за чистење на партијата од токсични елементи. Тие напори ја претворија во најголемата француска парламентарна партија, а Ле Пен се смета за фаворитка да биде следна претседателка на Франција на изборите во 2027.

    Сепак, нејзините односи со Трамп не биле секогаш добри. Тој ја извиси во 2017 при нејзината посета на кулата Трамп, но оттогаш се чини дека таа е загреана за него. Ле Пен неодамна рече дека притисокот на Трамп врз Колумбија да прима депортирани мигранти треба да биде копиран од Франција. Претходно овој месец, таа рече дека РН е „најсоодветен во Франција да разговара со администрацијата на Доналд Трамп“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира