Поранешниот шеф на банда Двејн Кефе Ди Дејвис е прогласен за виновен за организирање на убиството на раперот Тупак Шакур, што е прва пресуда во случајот што ги интригираше фановите на хип-хопот речиси 30 години. Поротата го прогласи Дејвис за виновен по едно обвинение за убиство во врска со смртта на Шакур во пукотница во Лас Вегас на 7 септември 1996.
Шеесет и тригодишниот Дејвис рамнодушно стоеше во судот во Лас Вегас додека се читаше пресудата, пред да каже дека ќе поднесе жалба.
Шакур имаше 25 години кога беше убиен на врвот на својата кариера. Неговите албуми се продадоа во 75 милиони примероци низ целиот свет.
Обвинителите на судењето тврдеа дека иако поранешниот водач на уличната банда „Саут Сајд Комптон Крипс“ не пукал со пиштолот што го уби Шакур, тој го наредил убиството и го обезбедил оружјето што неговиот внук Орландо Андерсон го користел во пукањето. Тие рекоа дека Дејвис го испланирал пукањето како одмазда откако Андерсон бил вмешан во тепачка со Шакур и неговата екипа само неколку часа претходно.
Триесет години ова убиство остана еден од најпознатите нерешени случаи во Америка, поттикнувајќи безброј заговори. Убиството на Шакур се случи во време на силното соперништво помеѓу рап сцената на Источниот и Западниот Брег и среде вооружените пресметки помеѓу бандите „Бладс“ и „Крипс“, кои имаа длабоки корени во хип-хопот во тоа време.
Клучниот доказ во случајот беа зборовите на самиот Дејвис, кој постојано и јавно признаваше дека бил во белиот „кадилак“ од каде што биле испукани смртоносните истрели. Тој им зборел на властите за својата улога во смртта на Шакур за време на тајно полициско испрашување во 2008, поврзано со смртта на друг славен рапер, Ноториус Б.И.Г.. Дејвис подетално ја објасни својата улога во своите мемоари од 2019 година.



