Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, објави дека се лекува од коронавирус, на денот кога Русија стана втора земја на светот според бројот на заразени. Песков е последниот висок руски функционер кој имал позитивен тест, по премиерот Михаил Мишустин и двајца министри.
„Да, болен сум и на лекување сум во болница“, потврди 52-годишниот Песков.
Песков работи како портпарол на Владимир Путин повеќе од една деценија и е едно од најпознатите лица во руската политика. Според агенцијата ТАСС, тој последен пат се сретнал со Путин пред повеќе од еден месец.
Во Русија има повеќе од 10.000 новозаразени секој ден од 3 мај, вкупно 232.243 досега. И покрај тоа, Путин објави дека фабриките и градилиштата од денеска повторно можат да работат.