Португалија за девет месеци целосно вакцинираше 85% од своето население, надминувајќи голем број поразвиени европски земји. Според Универзитетот Оксфорд, Португалија е земја со највисоката стапка на целосно вакцинирано население на светот, следена од Обединетите Арапски Емирати (84,8%), Шпанија (78%) и Сингапур (77%).
Вакцинирањето против ковид-19 е дозволено за сите над 12 години и нивниот број се ближи кон 100% имунизирани.
„Ние, всушност, веќе нема кого да вакцинираме“, изјавија од центарот за вакцинирање во Лисабон.
Како резултат на ова, стапката на зараза и хоспитализација поради ковид-19 падна на најниско ниво во последните 18 месеци.
„Во услови кога се укинати речиси сите рестрикции, влегуваме во фаза што ќе се базира на лична одговорност. Не смееме да заборавиме дека пандемијата не е завршена“, изјави португалскиот премиер Антонио Коста.
Маските и натаму се задолжителни во јавниот превоз, болниците и трговските центри, а за влез на настани потребна е дигитална ковид пропусница.
На врвот на пандемијата, Португалија беше една од најпогодените држави во Европа и владата ја ангажираше војската да раководи со програмата за вакцинирање. На чело на тимот дојде вицеадмиралот Енрике де Гувела е Мело, кој собра математичари, лекари, аналитичари и експерти по стратегија од португалската војска.
„Португалија почна со вакцинирањето кога и останатите држави од ЕУ, но кај нас само 3% од населението се смета за антиваксери, што значително го забрза процесот“, вели Гувела е Мело.