Социјалдемократската партија (СПД), Зелените и Слободните демократи (ФДП) го потпишаа коалицискиот договор, што го отвора патот за формирање нова германска влада оваа недела. Лидерите на трите партии се собраа во Берлин за да ја официјализираат првата трипартиска коалиција досега, што следува по неколкунеделни преговори.
Олаф Шолц од СПД треба да ја преземе канцеларската функција по утрешното гласање во парламентот, кога ќе заврши 16-годишната ера на Ангела Меркел. СПД ќе има седум министри во новата влада, Зелените пет, а ФДП четири, кои исто така утре ќе бидат потврдени.
„Утре ја лансираме нашата нова влада“, кажа Шолц.
Еден од лидерите на Зелените, Аналена Бербок, ќе биде министерка за надворешни работи, а нејзиниот колега Роберт Хебек го доби суперминистерството за економија, енергетика и клима.
„Не сме во никакви илузии. Пред нас се огромни предизвици“, рече лидерот на ФДП и иден министер за финансии, Кристијан Линдер.