Стотици грчки пожарникари и волонтери, потпомогнати со противпожарни летала, веќе трет ден се борат со големите пожари во Западна Атика и Коринт, а ново жариште се појави на островот Родос. Ситуацијата е особено тешка кај градот Мандра, западно од Атина, каде што еден од огнените фронтови се протега на осум километри. Властите кажаа дека има изгорени домови и автомобили.
„Очајни сме. Живееме ноќна мора. Домови и имоти се во пламен“, изјави градоначалникот на Мандра, Христос Статхис.
Доцна синоќа, огнот се движел кон крајбрежниот град Неа Перамос.
Европската Унија вети дека ќе испрати противпожарни авиони во Грција, каде што напомош веќе дојдоа романски пожарникари.
Пожарот што во понеделникот избувна во областа на Дервенохорија, околу 30 километри северно од Атина, се ширеше брзо благодарение на силните и топли ветрови и стигна до Мандра, принудувајќи многу луѓе на бегство.
Условите нема да се подобрат ни денеска, а се очекува температурите над 40 Целзиусови степени да се задржат и во следните пет дена во Грција, која се наоѓа среде голем топлотен бран, како и добар дел од јужна Европа. Црвена тревога е огласена и во 20 големи градови во Италија, североисточна Шпанија, Хрватска, Србија, Црна Гора и во јужниот дел на БиХ.