Пожарите во северна Калифорнија се заканија на илјадници домови откако потпомогнати од силни ветрови се претворија во чудовиште кое пеплоса куќи во мала планинска заедница, убивајќи најмалку три лица.
Уште неколку луѓе имаат изгореници опасни по живот и се верува дека стотици, можеби и илјадници куќи и други објекти се оштетени или уништени во пожарот што пустоши североисточно од Сан Франциско. Околу 20.000 луѓе од три области добиле наредба за евакуација.
Заливот на Сан Франциско вчера изгледаше како пејзаж од Марс, откако пепелта од пожарите го направи небото портокалово.
„Кога чадот и пепелта стануваат погусти, тоа може целосно да ја прекине сончевата светлина, со што денот изгледа како ноќ“, појасни метеорологот на Си-Ен-Ен, Џадсон Џонс.
Калифорнија, која се наоѓа среде најголемата суша во последните 20 години, е погодена од дваесетина пожари, од кои три спаѓаат во петте најголеми во историјата. Тие досега зафатиле површина од речиси еден милион хектари.
Пожари горат и во сојузните држави Вашингтон и Орегон, каде што се уништени пет помали градови.
„Ова би можела да биде најголемата загуба на човечки животи и имоти поради пожари во историјата на нашата сојузна држава“, кажа гувернерката на Орегон, Кејт Браун.