Грчката министерка за туризам Олга Кефалојани изјави дека туристите и натаму можат да патуваат на Крф и Родос, и покрај пожарите кои беснеат таму. Таа ги негираше информациите дека пожарите зафатиле 50% од Родос.
„Нема нарушувања на авиосообраќајот и важно е да се напомене дека е зафатен само мал дел од Родос. Не се точни информации дека се погодени 50% од островот, туку меѓу 10% и 20%“, изјави Кефалојани.
Викендов беа евакуирани околу 19.000 луѓе од Родос, каде што огнот стигна до крајбрежни одморалишта на југоисточниот брег на островот. Пожарите на Родос траат веќе седум дена, а во гаснењето учествуваат и противпожарни летала од Турција, Хрватска и Египет.
„Тоа навистина беше најголемата евакуација досега спроведена во Грција и заврши за неколку часа, но сите се безбедни“, кажа Кефалојани.
Властите наредија евакуација и на речиси 2.500 луѓе на Крф, но најголемиот дел од тамошните пожари сега бил под контрола.
„Веруваме дека сите наскоро ќе бидат изгаснати. Имаше четири пожари кои избувнаа истовремено. Истрагата е во тек, но првите претпоставки се дека биле подметнати. Ситуацијата сега е подобра“, изјави заменик-градоначалникот на Крф, Теофанис Скембрис.
Пожарникарите се борат со 82 пожари низ земјата, од кои 64 избија вчера, што беше најтоплиот ден ова лето во Грција.