Пожарот во станбените висококатници во Хонгконг гори повеќе од 24 часа, додека бројот на загинати порасна на 55, а стотици луѓе и натаму се водат како исчезнати. Властите кажаа дека 51 тело се пронајдени на самото место, а уште четири лица починале во болница.
Пожарот зафати седум од осумте згради од станбениот комплекс „Ванг фук корт“, кој бил во фаза на реновирање, поради што бил окружен со бамбусови скелиња. Се верува дека тоа придонесло за брзото ширење на огнот, иако причината за пожарот засега не е позната.
Властите кажаа дека пожарот е изгаснат во четири згради, а во останатите три е под контрола и се очекува гаснењето да продолжи до вечерва. Меѓу загинатите е и еден пожарникар, а во болница се повеќе од 70 луѓе.
Тројца раководители од градежна компанија се уапсени под сомнение за убиство од небрежност.
„Имаме причина да веруваме дека надлежните лица од градежната компанија биле крајно небрежни“, рече Ајлин Чунг, виша началничка на полицијата.
Властите се сомневаат дека некои материјали на надворешните ѕидови на високите згради не ги исполнувале стандардите за противпожарна отпорност, што овозможило невообичаено брзо ширење на пожарот.
„Инцидентот е доста шокантен бидејќи прописите генерално бараат зградите да бидат оддалечени една од друга за да се спречи ширењето на пожарот од една зграда на друга. Обично, пожарот не се шири надвор од зградата во која што избувнал“, рече експертот за противпожарна заштита Алекс Веб.
Довршен во 1983 година, комплексот „Ванг фук корт“ се состои од осум згради високи по 31 кат. Содржи 1.984 станови, во кои живееле над 4.600 луѓе.



