Белгискиот премиер Александер де Кро изјави дека денеска ќе поднесе оставка откако неговата партија на десниот центар доживеа тежок пораз на вчерашните парламентарни избори.
„За нас ова беше особено тешка вечер зашто изгубивме. Затоа ќе поднесам оставка на премиерската функција“, изјави Де Кро.
Тој сепак ќе остане технички премиер до изборот на новата влада, што би можело да потрае зашто претстојат сложени преговори за формирање коалиција.
Фламанските националистички партии доминираа на изборите, но иако се предвидуваше дека крајнодесничарската антиимиграциска партија Фламански интерес ќе стане главна политичка сила, на првото место заврши друга десничарска партија Нова фламанска алијанса со 22% освоени гласови, велат првичните резултати. За Фламански интерес гласале 17,5% избирачи, а Социјалистичката партија е трета со 10,5% гласови.
Партијата на Де Кро, Отворени фламански либерали и демократи, доби помалку од 7% гласови. Тој водеше коалиција на седум партии формирана по дури 18 месеци преговори по изборите пред пет години.