ПРЕМИЕРОТ НА ИРАК ПРЕЖИВЕА АТЕНТАТ ИЗВЕДЕН СО ДРОН СО ЕКСПЛОЗИВ

    ПРЕМИЕРОТ НА ИРАК ПРЕЖИВЕА АТЕНТАТ ИЗВЕДЕН СО ДРОН СО ЕКСПЛОЗИВПремиерот Мустафа ал-Кадими, поранешен шеф на разузнавањето, положи заклетва на функцијата во мај лани. (Фото: Гети)

    Беспилотно летало натоварено со експлозиви ја нападна резиденцијата на ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадими во Багдад, но тој не е повреден во чинот што ирачката војска го нарече обид за атентат. Нападот во кој се повредени неколку членови на личната заштита на Кадими, се случи откако станаа насилни протестите во ирачкиот главен град поради резултатот од општите избори минатиот месец.

    Никој не ја презеде одговорноста за нападот. Стејт департментот на САД го осуди нападот како акт на тероризам и понуди помош во истрагата.

    Ал-Кадими, поранешен шеф на разузнавањето, положи заклетва на функцијата во мај минатата година.

    Портпаролот на врховниот командант на ирачките вооружени сили изјави дека по нападот со беспилотното летало останува стабилна безбедносната ситуација во утврдената Зелена зона во Багдад, во која се сместени владини згради и странски амбасади. Има оштетувања на некои делови од резиденцијата на премиерот како и оштетено возило паркирано во гаражата.

    Во последниве недели, приврзаниците на политичките групи поддржани со Иран организираа демонстрации во близина на Зелената зона. Тие протестираа против резултатите од општите избори минатиот месец, за кои рекоа дека имало нерегуларности во гласањето. Повеќе од 100 луѓе беа повредени за време на насилните судири со безбедносните сили оваа недела.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира