Прозападната претседателка Маја Санду ги обвини странските сили за мешање во молдавската политика зашто висат резултатите од вчерашниот референдум за придружување на земјата кон Европска Унија.
По 97% пребројани гласови, резултатите велат дека 49,9% Молдавци гласале „за“, а 50,1% биле „против“, што е голем пресврт откако неколку претходни анкети покажаа дека референдумот убедливо ќе помине.
Молдавците во исто време гласаа на претседателските избори и тука не излезе како што се очекуваше, откако Санду победи со само 41% освоени гласови, со што ќе има и втор круг во почетокот на ноември. Санду ќе има тешка задача да се избори за втор мандат, зашто нејзините противници, предводени од прорускиот кандидат Александр Стојаногло, веројатно ќе се обединат. Стојаногло заврши на второто место со 27% гласови.
Санду обвини дека криминални групи работеле заедно со странски сили за да влијаат врз гласањето со пари, лаги и пропаганда.
„Ова е досега невиден напад врз демократијата. Владата има јасни докази дека 300.000 гласови биле купени, што е измама од невидени размери“, рече Санду.
Кремљ негираше дека Русија била вклучена во шемата за поткупување гласачи.
Од отцепувањето од Советскиот Сојуз, Молдавија водеше и прозападна и проруска политика, но под водство на Санду ги забрза напорите да се ослободи од руското влијание среде војната во Украина. Молдавија веќе ги почна пристапните преговори со ЕУ и тие ќе продолжат зашто резултатите од референдумот не се законски обврзувачки. Тој требаше да го направи овој процес неповратен и да го вгради во уставот на Молдавија.