Со 218 гласа „за“ и 214“ против, Претставничкиот дом на американскиот Конгрес конечно го усвои таканаречениот Голем прекрасен закон на Доналд Трамп, кој притискаше тоа да се случи до 4 јули. Покрај сите демократски пратеници, против законот за буџетот гласаа и двајца републиканци, што владејачката партија можеше да си го дозволи.
Законот сега оди на потпис во Белата куќа пред да стапи во сила и Трамп најави дека ќе го направи тоа на 4 јули, кога во САД се одбележува Денот на независноста.
Гласањето се одржа по маратонска 24-часовна седница, откако лидерот на Демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, го заврши својот осум и полчасовен говор против законот, одолговлекувајќи ја постапката што е можно повеќе.
Со законот се продолжуваат намалувањата на даноците воведени во првиот мандат на Трамп во 2017, на штета на програмата за здравствена заштита Медикејд, од која зависат речиси 12 милиони Американци и програмите за чиста енергија. Критичарите на законот, од кои најгласен беше Илон Маск, тврдат дека тој ќе го зголеми американскиот долг за уште 3,3 трилиони долари.