Александар Лукашенко, кој посредуваше за договорот со кој беше запрена побуната на платениците на „Вагнер“, изјави дека Евгени Пригожин веќе не е во Белорусија. Лукашенко на 27 јуни потврди дека шефот на „Вагнер“ пристигнал во Белорусија, како дел од договорот за смирување на кризата која се одвиваше три дена порано.
„Пригожин не е на територијата на Белорусија. Тој е сега во Санкт Петербург или заминал во Москва“, кажа Лукашенко.
Тој додаде дека засега не е решено прашањето за преселба на единиците на „Вагнер“ во Белорусија, што ќе зависи од одлуките на Русија и групата.
Неговите коментари фрлаат неизвесност врз условите и спроведувањето на договорот со кој беше завршена побуната, за која Владимир Путин кажа дека ја довела Русија на раб на граѓанска војна. Руската државна телевизија вчера објави дека истрагата за побуната и натаму е отворена.
Лукашенко изјави дека во блиска иднина ќе се сретне со Путин и ќе разговараат за ситуацијата со Пригожин.
„Пригожин е апсолутно слободен, Путин нема да го збрише. Колку што знам, и борците на ‘Вагнер‘ се сѐ уште во своите бази“, кажа Лукашенко.