Едно лице е убиено во заложничката драма, што се одвива во супермаркет во градот Требе во јужна Франција.
Специјалните единици на француската полиција го опкружија супермаркетот, во којшто упаднало едно вооружено лице, кое тврди дека е припадник на Исламска држава. Според непотврдени информации, има двајца загинати.
Градоначалникот на Требе, Ерик Мораси, кажа дека сите заложници, освен еден полицаец, биле ослободени од супермаркетот и дека напаѓачот е сѐ уште внатре.
Францускиот премиер Едуар Филип нападот го опиша како терористички чин.
„Ситуацијата е сериозна. Сѐ упатува на тоа дека станува збор за терористички чин“, изјави Филип.
Напаѓачот претходно пукал во полицајци кои џогирале, при што еден од нив бил повреден, но не бил во животна опасност.