Приврзаниците на Доналд Трамп упаднаа во зградата на Конгресот кратко време откако таа беше ставена во карантин. Ваква одлука беше донесена откако тие се судрија со полицијата на протестот против резултатите на неодамнешните претседателски избори.
Демонстрантите успеаја да ги пробијат полициските барикади поставени околу Капитол во пресрет на денешната заедничка седница на Сенатот и Претставничкиот дом, заземајќи ги скалите. Дел од нив потоа успеаја да влезат во зградата.
Конгресната полиција повика засилување од федералните сили, додека градоначалникот на Вашингтон прогласи полициски час, почнувајќи од 18 часот по локално време.
„Ова е обид за пуч“, изјави републиканскиот конгресмен Адам Кинзингер.
Приврзаниците на Трамп се упатија кон Капитол откако го ислушаа неговиот говор во паркот покрај Белата куќа.