ПРОКИСНА ДЕЛ ОД ПОКРИВОТ НА ГАЛЕРИЈАТА УФИЦИ ВО ФИРЕНЦА, ВРЗ СЛИКИ ОД 17. ВЕК

    ПРОКИСНА ДЕЛ ОД ПОКРИВОТ НА ГАЛЕРИЈАТА УФИЦИ ВО ФИРЕНЦА, ВРЗ СЛИКИ ОД 17. ВЕК„Пред очите на посетителите, сликата од 1598 година,  масло на платно, изгледаше заматено и испрекинато со долги водени траги“, објави весникот „Кориере дела сера“. (Фото: „Кориере дела сера“)

    Вода протекла во галеријата Уфици во Фиренца, низ просторот под прозорецот на покривот на една просторија во која се наоѓаат седум слики од 17. век, меѓу кои и „Дионис“ на Караваџо. По обилниот дожд на 17 септември, дождовницата навлегла и во палатата Пити, поради што биле затворени неколку простории во Галеријата на модерна уметност.

    „Протекувањето ја испрскало надворешната страна на стаклото од заштитната витрина во која се наоѓа ‘Дионис’ на Караваџо. Не е утврдена никаква штета на ниту едно од уметничките дела. Просторијата утре наутро, од отворањето, ќе биде нормално отворена за посетители“, соопшти Музејот на 17 септември.

    „Пред очите на посетителите, сликата од 1598 година,  масло на платно, изгледаше заматено и испрекинато со долги водени траги“, објави весникот „Кориере дела сера“.

    Водата навлегла и во палатата Пити, историска ренесансна палата во Фиренца, чија изградба датира од 1446 година.

    Конкретно, се наведува дека биле поплавени подовите на Галеријата Палатини и Галеријата на модерна уметност, при што, според претставничката на синдикатот ЦИСЛ, Силвија Барлаки, некои изложбени простории биле затворени.

    „Во овој случај, сè уште не е јасно како дождот успеал да навлезе во внатрешноста , дали преку отворени прозорци или поради инсталации и опрема што можеби се веќе премногу стари“, пишува „Кориере дела сера“,

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира